Манасков: Ако им дозволиме да не сечат со фаули – ќе ни биде многу тешко!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се подготвуваат за нов голем европски предизвик – дуелот со Висла Плоцк во Лигата на шампионите, кој ќе биде прв натпревар за битолчани во 2026 година во елитното натпреварување.

Еурофарм Пелистер ќе ја бара третата победа во сезоната во ЛШ, но задачата нема да биде лесна. Полскиот вицешампион е третопласиран во групата Б со 12 бода и важи за еден од најнезгодните ривали, особено поради цврстата одбрана и искуството кое го има на европска сцена.

Пред мечот најдобриот стрелец на битолчани, крилото Дејан Манасков ги сподели очекувањата и го анализираше противникот, но и состојбата во тимот по промената на клупата и доаѓањето на новиот тренер Стевче Алушовски.

„ Не очекува тежок меч кој доаѓа во специфичен момент. Имаме нов тренер, се трудиме да ги смениме и подобриме работите. Но се трудиме да бидеме максимално подготвени за предизвикот. Имаме уште два дена. Работиме на усовршување на деталите за кои сметаме дека можат да го одлучат натпреварот и се надеваме дека можеме да победиме пред нашите навивачи, смета Манасков.

Во Лигата на шампионите токму неговиот гол против Барселона постигнат во Битола беше избран за најдобар во ЛШ. Игра во одлична форма сезонава што го покажува со 54 дадени голана 10 натпревари.

„Висла игра многу агресивно во одбраната, нивните халфови излегуваат многу високо, затоа ќе мораме да имаме брз проток на топката и солиден напад во простор без топка. Ако дозволиме да прават многу фаули и прекини на играта, мислам дека ќе биде доста тешко за нас. Мораме да имаме одлична дефанзива и да знаеме што сакаме во нападот, и тоа што ќе годоговориме да го испочитуваме. изјави Манасков.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Висла Плоцк ќе се одигра на 19 февруари во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, со почеток од 20,45 часот, а битолската публика сигурно повторно ќе ја исполни салата и ќе му даде силен ветар во грб на македонскиот првак во борбата за нов европски подвиг.