Српскиот репрезентативен голман Владимир Цупара на крајот од сезоната ќе го напушти Динамо Букурешт и ќе се пресели во Бундес лигата. Како што пренесува романскиот „Про Спорт“, искусниот чувар на мрежата постигнал договор со Гумерсбах.
Цупара во Романија пристигна во 2023 година, откако се раздели со унгарскиот гигант Веспрем. Поранешниот голман на Црвена Звезда, Келце и Адемар Леон бил на радарот на неколку познати клубови од најсилната лига во светот, меѓу кои Лајпциг и Ерланген, но Гумерсбах ја доби трката.
По настапите во Србија, Шпанија, Полска, Унгарија и Романија, Цупара конечно ќе добие можност да заигра во најсилното ракометно првенство во светот, што сигурно ќе му биде дополнителна мотивација за ново докажување на највисоко ниво.
Во Гумерсбах ќе игра заедно со поранешниот колега од полскиот Келце, Алекс Душебаев, кој исто така треба да биде промовиран во нов член на бундеслигашот.


























