Данските ракометари во неделата доцна навечер го прославија големиот успех во Хернинг, пред голем број собрани навивачи.
Меѓу нив, очекувано, имаше и многу локални жители, што особено се почувствува во моментот кога микрофонот го зеде Матијас Гидсел.
Најдобриот дански ракометар со гордост ги потсети присутните на своето потекло.
„Се вратив дома, во Хернинг. Тука сум роден. Роден сум во болницата во Хернинг“, изјави Гидсел, по што плоштадот веднаш експлодираше од воодушевување и силен аплауз.
Набргу потоа пред микрофонот застана и селекторот на Данска, Николај Јакобсен, кој се обиде да се надоврзе на изјавата на Гидсел.
„Всушност, ни јас не сум роден толку далеку одовде, кога веќе Матијас кажа каде е роден“, рече Јакобсен, па додаде дека е роден во Виборг.
Сепак, оние што барем површно го познаваат ривалството меѓу данските градови знаат дека ваква забелешка не поминува незабележано, бидејќи ривалството меѓу Хернинг и Виборг е слично на она меѓу Скопје и Битола. Голем дел од собраните навивачи реагираа со свирежи, на што ракометарите на балконот само се насмеаја.
„Добро, ха-ха-ха… Добро, добро… Смирете се, смирете се“, порача Јакобсен низ смеа, обидувајќи се да ја смири публиката.
По прославата вчера во Хернинг, денеска продолжува прославата на европското злато во Копенхаген.

























