Шпанската ракометна федерација официјално објави дека Амброш Мартин повеќе не е селектор на женската репрезентација на Шпанија, откако двете страни постигнале договор за раскин на соработката. Одлуката е донесена по консултација меѓу претседателот на федерацијата, Франциско Бласкес, и УО.
Мартин ја презеде функцијата селектор на 9 мај 2023 година, период во кој започна процес на подмладување и реконструкција на тимот. Во неговиот мандат беа вклучени неколку млади ракометарки, кои беа проектирани како носители на иднината на шпанскиот женски ракомет. Сепак, резултатите во изминатиот период не ги исполнија очекувањата.
Претседателот Франциско Беласкес отворено призна дека е неопходна промена на насоката.
„Мора да создадеме пресвртница за да се подготвиме за следните две години – Европското првенство во 2026 и Светското првенство во 2027 година, натпреварувања на кои ќе се делат места за Олимписките игри во Лос Анџелес 2028. Потребни ни се решенија што ќе ја променат сегашната негативна тенденција“, изјави Бласкес.
Само неколку минути по официјалното соопштение за разделбата, федерацијата го објави името на новиот селектор. Хоакин Рокамора е назначен за нов шеф на стручниот штаб на репрезентацијата, откако досега успешно ја водеше младинската женска репрезентација на Шпанија, со која минатото лето го освои сребрениот медал на Европското првенство.
„Ова е возбудлив предизвик за мене. Исклучително сум среќен што добив можност да ја водам сениорската репрезентација, откако со години работев со младинските селекции“, изјави Рокамора по назначувањето.
Првите официјални обврски на новиот селектор ќе бидат во март, кога Шпанија ќе одигра два квалификациски натпревари против Австрија, во рамките од квалификациите за Европското првенство 2026. Натпреварите се закажани за 4 и 7 март.


























