Скандалозно: Хрватите се испокараа – нема да има дочек во Загреб?!

Хрватските ракометари освоија бронзен медал на Европското првенство, а свечениот дочек во Загреб треба(ше) да се одржи утре во 15 часот.

„Требаше“, затоа што дочекот можеби воопшто нема да се случи. „Јутарњи лист“ пишува дека хрватските ракометари инсистираат на дочекот да пее Марко Перковиќ Томпсон, додека град Загреб е категорично против. Се работи за контроверзен хрватски изведувач на песни со националистичка содржина.

Работници вечерва ја донеле опремата за бината и ја истовариле на плоштадот, но во еден момент сè било повторно вратено во камион, со објаснување дека дочек нема да има. Потоа на социјалните мрежи се обрати градоначалникот на Сплит, кој најави дека таму може да се организира дочек на ракометарите и стручниот штаб.

Неофицијална химна на репрезентацијата е песната на Томпсон „Ако не знаеш што беше“, а играчите не сакаат да слават без него. Со Томпсон минатата година на плоштадот го прославија светското сребро, а по победата над Исланд дури и му се јавиле директно од соблекувалната.

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, како што изгледа, не отстапува од својот став дека Томпсон нема да одржува концерти во Загреб додека тој е градоначалник.

Да потсетиме, Томашевиќ минатата година го забрани вториот концерт на Томпсон во Арена Загреб, поради националистички поздрави на неговите претходни настапи.