Матијас Гидсел е можеби најдобриот ракометар на планетата, играч кој последните години доминира на европските терени – најдобар стрелец, лидер и симбол на Данска, која во Хернинг е во поход кон европското злато.
Но додека тој блеска на теренот, една тивка и скромна приказна се одвива зад сцената.
Неговата мајка, Хеле Гидсел, која Матијас често ја споменува како најважна личност во својот живот, на Европското првенство во Хернинг работи како волонтер.
„Зошто да не? Навистина уживам. Кога игра Данска, тогаш сум вистински навивач на трибините, а во другите денови волонтирам, помагам, се дружам…“, изјави Хеле за Спортски журнал.
Таа не го доживува Матијас како најдобар ракометар на светот, туку само како нејзин син.
„За мене тој е само Матијас и ништо повеќе. Моето момче, мојот син. Не го доживувам како што го доживуваат другите, иако знам дека е најдобар во светот. Прекрасен беше и како дете. Го интересираше само ракометот. Иако беше одличен ученик, топката беше неговата најголема љубов.“
Таа е сигурна дека Данска ќе освои злато.
„Секако дека ќе освоиме злато“, заврши Хеле.
Ова е приказна која уште еднаш покажува дека зад големите шампиони стојат уште поголеми луѓе.

























