По поразот од Франција во финалето на ЕП 2024, Данска добива нова шанса за титулата, а противник повторно ќе и биде Германија, со која веќе се сретна пред само шест дена во главната рунда.
Еден од двата тима ќе стигне до својата трета европска титула – Данска триумфираше во 2008 и 2012, а Германија во 2004 и 2016. Данците имаат историска можност да станат втората репрезентација во историјата по Франција во 2010, која во исто време ќе освои и олимпиското злато, светската и европската титула.
Селекторот на Данска, Николај Јакобсен го најави финалето.
„Финалето е секогаш нешто повеќе од ракомет. Мора да бидеме заедно, без разлика како ќе се развива натпреварот. Освен квалитетен ракомет, ќе ни треба и повеќе волја и сила отколку во претходните мечеви. Германија ќе биде екстра мотивирана, но не очекувајте ние да бидеме помалку мотивирани. Ние и навивачите сме едно. Да се игра дома е огромна предност. Посебно е чувството да освојуваш титула пред своја публика. Против Исланд ни помогнаа многу, особено во тешките моменти. Веројатно беше најтешкиот натпревар досега, а и навивачите беа на висина“, изјави Јакобсен.
Кружниот напаѓач Магнус Саугструп вели дека заморот ги стигнува, но кога се игра финале тоа се заборава.
„Секогаш е неверојатно чувството кога знаеш дека ќе играш финале. Телото боли, заморот е тука, но мотивацијата сама доаѓа кога се бориш за титула. Настап во финале на домашен терен е сон за секој играч. Навивачите те креваат кога ти е најтешко. Црвените дресови и бучавата носат адреналин“, изјави Саугструп.
Алфред Гисласон, селекторот на Германија, прво се осврна на дуелот со Данска од главната рунда.
„Мораме да бидеме многу поефикасни во нападот и подобри во одбраната. Промашивме 23 шута, тоа е премногу. За победа над Данска ни треба совршен натпревар. Пресреќен сум што стигнавме до тука. Овој тим направи огромен напредок. Данска е исклучително тешко да се победи“, изјави Гисласон.
Финалето меѓу Данска и Германија се игра вечерва од 18:00 часот во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг.
Во германскиот состав и понатаму се тројца европски шампиони од 2016 – Андреас Волф, Руне Дамке и Јаник Колбахер, додека Расмус Лауге е единствениот Данец кој беше на теренот кога беше освоено златото во 2012. Волф, воедно, ќе стане рекордер по број на настапи за Германија на ЕП, 42 натпревари.
Данска доминира во меѓусебните дуели во последните години и Германија нема победа против нив од 2016 година, со седум последователни порази. Единствениот пораз на Данска на ЕП 2026 беше против Португалија во прелиминарната рунда.

























