Ден пред полуфиналето на Европското првенство, во кое Хрватска беше поразена од Германија, селекторот Дагур Сигурдсон направи преседан каков ретко се гледа во светот на ракометот. На прес-конференција жестоко ја нападна Европската ракометна федерација, обвинувајќи ја за нехуман однос кон играчите и стручните штабови, а неговите зборови одекнаа низ цела Европа. Поддршка пристигнуваше од сите страни – од Германија, Исланд и други ракометни земји.
Еден ден пред натпреварот за бронзениот медал против Исланд, исландскиот „Висир“ објави нова димензија на целата приказна. Според нивните информации, Сигурдсон во меѓувреме се извинил за начинот на кој формулирал дел од својата критика.
Претседателот на Европската ракометна федерација, Михаел Видерер, во Хернинг изјави дека хрватскиот селектор се извинил за изборот на зборови со кои го опишал ЕХФ на спорната прес-конференција, одржана во пресрет на полуфиналниот дуел против Германија.
Видерер за тоа говореше на денешната прес-конференција, откако беше прашан за острите критики на Сигурдсон, кои предизвикаа силни реакции во ракометната јавност. Да потсетиме, Сигурдсон тогаш го обвини ЕХФ дека покажува малку или воопшто нема почит кон играчите и стручниот штаб на репрезентациите, особено потенцирајќи ја нерамномерната распределба на времето за одмор пред полуфиналните натпревари.
Во тој настап, ЕХФ го спореди со ланец за брза храна, тврдејќи дека федерацијата не се грижи за квалитетот, туку исклучиво за продажбата и спектаклот. Својата екипа ја опиша како „замрзнато пилешко“, алудирајќи на третманот на кој, според него, биле изложени.
Токму таа метафора беше тема на прашањето упатено до претседателот на ЕХФ, кој потврди дека Сигурдсон се извинил поради користениот речник.
Според „Висир“, Сигурдсон денеска потврдил дека ги надминал недоразбирањата со главниот извршен директор на ЕХФ, кого го опишал како свој добар пријател. Тој додал дека однапред било јасно оти на спорната прес-конференција ќе го искаже своето незадоволство и дека критиката била свесна и намерна, иако признава дека дел од изразите биле претерани.
Хрватскиот селектор утре ќе ја предводи својата репрезентација во натпреварот за бронзениот медал против Исланд, додека дебатата околу неговиот напад кон ЕХФ и натаму се смета за еден од клучните моменти на ова Европско првенство.
„ЕХФ е како ‘фаст-фуд’ – не се грижи за квалитетот, туку само продава“
Телевиса пресента: ЕХФ жестоко им одговори на Хрватите и Сигурдсон!


























