Селекторот на Германија, Алфред Гисласон, по пласманот во финалето на Европското првенство беше исклучително задоволен од настапот на својот тим и не го криеше задоволствот по големата победа.
Германија славеше со 31-28 против Хрватска, во финишот беше интересно, но на крајот сепак „панцирите“ одат во финале.
„Сега имаме само неколку часа за подготовка за финалето, но навистина сум многу среќен што сме таму, затоа што мојата екипа одигра навистина одлично. Хрватска беше исклучително добра во првото полувреме. Во вториот дел се почувствува нивниот замор. Искрено сум горд на моите играчи. Постојано имавме добра одбрана и игравме трпеливо во нападот, и токму тоа ни ја донесе победата. Сите играчи одиграа добро, немаше поединец што се истакна како во некои претходни натпревари, туку стабилна и квалитетна игра од целиот тим.“
Германија ќе го игра своето второт финале во рок од 18 месеци на големо натпреварување, по она на Олимписките игри 2024.
„Ние сме млада и неискусна екипа, но со исклучителни таленти. Пласманот во олимпиското финале беше фантастичен, а ова сега е уште посензационално ако се земе предвид какви противници моравме да елиминираме на патот до тука. Младите играчи созреаја, направија огромни чекори напред и научија многу. Токму развојот на оваа екипа е нешто што најмногу го ценам.“
Тој навива за неговите сонародници во второто полуфинале.
„Како Исланѓанец, секако дека навивам за Исланд, но моментално изгледа дека тоа ќе биде Данска. Во Лил го загубивме финалето од нив и бев навистина разочаран, не затоа што загубивме, туку поради начинот на кој загубивме. Ако повторно играме против нив во недела, целта ни е да одиграме многу подобро финале, без разлика дали тоа на крај ќе биде доволно за победа“, заврши Гисласон.
Германија ја сруши Хрватска и по десет години ќе игра за злато!


























