Кој високо лета – ниско паѓа: Французите поради бизарна причина „заглавија“ во Данска

Француските репрезентативци не успеаја да обезбедат пласман во полуфиналето на Европското првенство. Од групата 1 во втората фаза, место меѓу најдобрите четири изборија Германија и домаќинот Данска, иако токму Французите важеа за едни од фаворитите за ТОП 4.

Нивната европска приказна заврши во средата, но и два дена подоцна тие сè уште беа во Данска. Разочараната француска репрезентација не се врати веднаш дома по елиминацијата, и тоа поради бизарна и помалку арогантна грешка во организацијата.

Стручниот штаб и Ракометната федерација на Франција воопшто не предвиделе дека селекцијата може да испадне пред полуфиналето, па навреме не бил резервиран лет за враќање во Франција. Во текот на четвртокот се обиделе набрзина да најдат решение, но без успех, бидејќи, според француските медиуми, немало достапни летови од Данска за целата делегација.

Поради тоа, француските ракометари биле приморани дополнително да бараат хотел и да преноќат од четврток кон петок. Медиумите наведуваат дека репрезентацијата на Франција во текот на петокот конечно треба да ја напушти Данска и да се врати дома.