Крајот на Европското првенство е сè поблиску, но највозбудливиот дел допрва следи. Финалниот викенд започнува денеска во Хернинг, каде љубителите на ракометот ќе уживаат во три големи натпревари.
Португалија ќе се бори во мечот против Шведска за да го обезбеди својот најдобар пласман во историјата на натпреварувањето. Потоа следуваат двете полуфиналиња, Данска ќе игра второ европско полуфинале по ред, овојпат против Исланд, додека Хрватска, актуелен вицешампион на светот, ќе се соочи со силната Германија, која импресионира од самиот почеток на турнирот.
Интересен факт е дека сите освојувачи на ЕП од 2018 година наваму веќе се елиминирани, а од четирите полуфиналисти, две селекции никогаш не ја освоиле европската титула, Исланд и Хрватска.
Германија – Хрватска| 17:45 часот | во живо на МТВ
-
Хрватска ја освои групата 2 во Малме по тесната победа над Унгарија (27:25), додека Германија заврши втора во групата 1, зад Данска, по триумфот над Франција (38:34)
-
За Хрватска ова е 10 полуфинале на ЕП (финалист во 2008, 2010 и 2020), но сè уште без злато
-
Германија го игра своето седмо полуфинале, со титули во 2004 и 2016
-
На ЕП турнирите се сретнале шест пати – пет победи за Хрватска, една за Германија
-
Селекторите Алфред Гисласон и Дагур Сигурдсон се Исланѓани и поранешни соиграчи во репрезентацијата
-
Во подготовките за ЕП, Германија ја победи Хрватска двапати (32:29 и 33:27)
-
Сигурдсон ја однесе Германија до последната европска титула во 2016, тројца играчи од тој тим сè уште се во составот
-
Најдобри стрелци се Ренарс Ушчинс (37) за Германија и Иван Мартиновиќ (30) за Хрватска
-
Петмина хрватски репрезентативци, вклучувајќи ги и голманите Кузмановиќ и Мандиќ, играат во германски клубови
Данска – Исланд | 20:30 часот | во живо на МТВ
-
Данска ја освои групата 1 со осум бодови
-
Исланд заврши втор во групата 2, пред Шведска поради подобар меѓусебен дуел
-
Исланд првпат по 2010 година игра полуфинале на ЕП
-
Најдобри голмани на турнирот се Емил Нилсен (69 одбрани) и Виктор Халгримсон (66)
-
Матијас Гидсел е најдобар стрелец со 54 гола (заедно со Франциско Кошта), Омар Инги Магнусон има 51
-
Последен меѓусебен дуел имаа на ЕП 2022, кој заврши со победа на Данска (28:24)
-
Данска има 10 полуфиналиња и две титули, Исланд само две учества во полуфиналињата
Претходно, пред полуфиналните средби ќе се игра и натпреварот за петтото место на Европското првенство меѓу Португалија и Шведска.
Сепак овој меч ќе биде само за престиж и нема да има резултатска важност, бидејќи и двете селекции обезбедија пласман на Мундијалот во Германија наредната година.

























