Полуфиналните натпревари и оние во недела за медалите на Европското првенство во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг, ќе минат со мал број навивачи на Хрватска и Исланд, а можеби Германците ќе ги има во поголем број.
Главниот извор на проблемот лежи во политиката за продажба на билети на Европската ракометна федерација. Пакет-билетите за финалниот викенд, кои ги опфаќаат полуфиналните и финалните натпревари, беа пуштени во продажба и практично распродадени уште во летото 2025 година.
Значителен дел од тие билети ги купиле дански навивачи, кои однапред претпоставувале дека нивната репрезентација ќе се бори за медал. Меѓутоа, со оглед на тоа што Данска во второто полуфинале игра против Исланд (20:30 часот), ваквиот модел на продажба ги остава навивачите на другите полуфиналисти на цедило.
За разлика од фудбалските натпреварувања, ЕХФ не задржува поголем контингент билети за навивачите на репрезентациите што ќе се квалификуваат, со цел да се обезбеди полна сала без разлика на учесниците, а тоа предизвика револт и незадоволство кај навивачите.
Според правилата, федерациите на полуфиналистите, имаат право на само симболичен број билети, најчесто меѓу 500 и 1.000.
Поради огромната побарувачка, цените на црниот пазар достигнаа астрономски износи и до 1000 евра. ЕХФ строго ја забранува препродажбата надвор од официјалните платформи, а дигитализацијата на билетите дополнително го отежнува нивниот трансфер, што само ја зголемува фрустрацијата кај навивачите.
Првото полуфинале меѓу Хрватска и Германија се игра од 17:45 часот, додека втората пресметка меѓу Данска и Исланд е на програмата од 20:30 часот во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг.


























