Словенечката репрезентација по поразот од Хрватска (25:29) во вториот круг на Европското првенство сè уште има шанси за пласман во полуфиналето, иако тие се минимални.
Денеска, Словенија го игра својот натпревар против Исланд (15:30 часот) и прво мора да се концентрира на победа, пред да го чека исходот од преостанатите два меча во групата. На Словенците им треба пораз и на Шведска oд Швајцарија.
Селекторот Урош Зорман е загрижен најмногу за напорниот распоред.
„Можеби требаше да имаме еден или два дена повеќе за одмор. Ќе играме уште еден натпревар за помалку од 24 часа и тоа во борба за полуфинале. Ова го нема во ниту еден друг спорт“, изјави Зорман по поразот од светските вицешампиони.
Зорман додава дека ова е сериозен недостаток за ракометот како спорт.
„Ако погледнете однапред, во вторник и среда играте за полуфинале, во четврток патувате, а веќе во петок е полуфиналето. Тука нешто не е во ред. Секој тим би имал корист од уште еден ден одмор.“


























