Циндриќ бесен: Тој што го правел распоредот на ЕП сигурно не бил спортист!

Ракометарите на Европското првенство се соочуваат со екстремен распоред, кој предвидува одигрување на две средби за помалку од 24 часа, во некои случаи дури и за пократок период. Причината е усогласување на крајот на двете главни групи, онаа во Малме и онаа во Хернинг, со цел сите селекции да имаат „еднакво време за одмор“ пред полуфиналињата во петок и финалниот ден во недела.

Се погласни се реакциите дека ваквиот систем е нехуман и опасен по здравјето на играчите. Јавно реагираше и еден од најискусните хрватски репрезентативци, Лука Циндриќ, по победата над Словенија, во пресрет на решавачкиот дуел со Унгарија. Тој без влакна на јазикот зборуваше за состојбата во која се наоѓаат ракометарите.

„Сè ме боли. Прво би се осврнал на тоа што играме за помалку од 24 часа. Искрено, оној што го смислил овој распоред сигурно никогаш не се занимавал со спорт. Ќе дадам еден пример, се жртвуваме цело време, целите подготовки, а потоа по шестиот или седмиот натпревар играме меч од кој ни зависи полуфиналето. И после тоа, нов натпревар за помалку од 24 часа. Тешко е, навистина е тешко и премногу интензивно“, вели некогашниот член на Металург и Вардар.

Хрватскиот плејмејкер истакна дека ваквиот напор не може да се издржи ниту со два дена одмор, а не пак со еден.

„Катастрофа. Не можеш да се регенерираш ни за два дена, а камоли за еден. Не се оправдувам, исто е за сите, но мислам дека и играчите треба нешто да се прашаат. Навистина би сакал ова да се смени во иднина, бидејќи ова што го прават е лудо. Ова не е здраво за никого. Морав да го кажам ова за да го извадам од себе, затоа што сум бесен. Не можам да верувам дека вакво нешто се дозволува на едно толку големо натпреварување“, заврши Циндриќ.

Изјавата на Циндриќ е само една од низата критики кои доаѓаат од теренот, а повторно го отвора прашањето за заштитата на здравјето на ракометарите и улогата на играчите во креирањето на календарот. Во клучната фаза на шампионатот, наместо спектакл, фокусот сè почесто паѓа на исцрпеноста.