Селекцијата на Исланд по поразот од Хрватска, но и победата над Шведска, одигра под очекувањата и ремизираше со Швајцарија 38-38, а со тоа направи чекор назад во битката за полуфиналето на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.
Сега Исланд ќе има пет бода, а Словенија, Хрватска и Шведска имаат по четири, но овие три репрезентации имаат и натпревар помалку, па во последното коло ќе се решаваат патниците во ТОП 4.
Исланд на стартот водеше со еден гол во два наврати, но како одминуваше времето во првиот дел, така Швајцарија ја преземаше контролата, иако на исландскиот гол солиден беше Халгримсон.
Немаа „рибарите“ решенија во одбраната за Стинартс, Лаубе, Рубин…и Швајцарија успеа да поведе со три гола, 13-10, но потоа и момците на Енди Шмид влегоа во „црна дупка“, па Исланд до паузата успеа да израмни на 19-19.
Вториот дел беше копија на првиот. Повторно Исланд на двапати имаше предност од еден погодок, но кога требаше да зададе последен удар и да направи разлика, примаше лесни голови, на два пати промашија и празен гол…па Швајцарија пак отиде на плус три, 33-30.
Последните десетина минути беа вистинска драма. Левото крило Торкелсон ги казнуваше сите грешки на Швајцарците и лесно наоѓаше пат до мрежата на Портнер и во последната минута се влезе со реми, 38-38.
Ниту една од двете селекции не ги искористи нападите што можеа да бидат победнички и на крајот можеа да се задоволат со по еден бод. Торкелсон и Видарсон имаа по осум гола за Исланд, а Леополд даде седум за Швајцарија.


























