Главната рунда на Европското првенство продолжува во Малме, а денешната програма носи исклучително важни натпревари во групата 2, каде што ситуацијата е целосно отворена.
Исланд, Шведска, Словенија и Хрватска имаат по четири бода, додека Унгарија и Швајцарија се на еден бод, но се уште не се без шанси. Време е за вистинска драма и мечеви кои можат да ја решат судбината на групата.
🇨🇭 ШВАЈЦАРИЈА vs 🇮🇸 ИСЛАНД
🕞 15:30 часот | 📺 МТВ1
Исланд во одлично расположение го очекува дуелот со Швајцарија, откако и го нанесе првиот пораз на Шведска на турнирот (35-27). Исланѓаните сега имаат четири бода и сериозна амбиција за полуфинале.
Од друга страна, Швајцарија игра во главната рунда првпат по 2004 година и ќе се обиде да стигне до првата победа во оваа фаза. По ремито со Унгарија и поразот од Хрватска, Швајцарците знаат дека само победа ги остава во игра.
„Против Исланд мораме да трчаме многу, и во напад и во враќање во одбрана. Тоа ќе биде клучот“, изјави швајцарскиот селектор Енди Шмид.
„Ги познаваме добро, многумина од нив играат во Бундес лигата, но играат специфичен ракомет. Ќе биде тежок меч“, вели Виго Кристјансон.
🇸🇮 СЛОВЕНИЈА vs 🇭🇷 ХРВАТСКА
🕕 18:00 часот | 📺 МТВ1
Балканско дерби со огромна тежина. Словенија и Хрватска се добро познати ривали, со богата историја на големи натпревари, вклучувајќи полуфиналиња и мечеви за медал на светски и европски првенства.
Словенците дојдоа до првите бодови во главната рунда со победата над Унгарија, додека Хрватска е во серија од две победи, против Исланд и Швајцарија, и сака да го продолжи победничкиот ритам.
„Сите знаеме што значи овој натпревар. Балканско дерби, без изненадувања. Ќе биде многу тешко“, вели Домен Тајник.
„Словенија игра брз ракомет, Јанц е во фантастична форма. Ќе биде интензивно, мора да бидеме ментално подготвени“, вели Ивано Павловиќ.
🇸🇪 ШВЕДСКА vs 🇭🇺 УНГАРИЈА
🕣 20:30 часот | 📺 МТВ1
Шведска ќе бара реакција по тешкиот пораз од Исланд, прв на турнирот, додека Унгарија се наоѓа во незавидна позиција и мора да оди на сè или ништо.
Иако традицијата и меѓусебните дуели се силно на страната на Швеѓаните, Унгарците покажаа дека можат да бидат опасни, особено преку Бенце Имре и голманот Кристоф Паласич.
„Секој натпревар на ЕП е тежок. Унгарија игра физички и со цврста одбрана. Мораме да најдеме решенија и да одиграме на највисоко ниво“, изјави Даниел Петерсон.


























