Шпанската репрезентација доби ново „чудо од дете“, а неговото име е Маркос Фис. Иако има само 18 години и ова му е прв настап на завршница на Европско првенство со сениорската селекција, младиот десен бек веќе привлекува огромно внимание, и тоа не само кај љубителите на ракометот, туку и кај најголемите ривали.
Во натпреварот против Данска, Фис одигра извонредно и постигна девет гола од 11 обиди, убедливо најмногу во шпанскиот состав. Иако „фуријата“ беше поразена со 36-31, токму тинејџерот од Гранољерс беше една од главните теми по мечот, пишува данската ТВ2.
Особено впечатлива беше реакцијата на данската ѕвезда Матијас Гидсел, кој без двоумење го спореди младиот Шпанец со фудбалската сензација на Барселона, Ламин Јамал.
„Седевме во соблекувалната и зборувавме за него, колку е експлозивен и колку потсетува на Ламин Јамал. Делуваше нервозно на линијата за седум метри, но кога судијата даде знак, ја погоди мрежата во аголот и како целосно да заборави каде се наоѓа“, изјави Гидсел.
Маркос Фис во моментов настапува за Гранољерс, а ракометот му е во крвта. Неговиот татко, Хулио Фис, беше врвен ракометар и настапуваше за европски гиганти како Кил и Сиудад Реал.
Со вакви настапи и зрелост на само 18 години, Маркос Фис јасно најавува дека Шпанија доби нов лидер за иднината.

























