Македонија ремизира со Португалија, 29-29, и го продолжи сонот за главната рунда за Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.
Десниот бек Мартин Велковски, кој постигна важни погодоци на овој меч, посакува пласман во ТОП 12.
„Сакам да се заблагодарам на публиката која пристигна во голем број. Се надевам дека ги направивме горди сите навивачи. Ова е голем резултат за Македонија. Можеби на ваков резултат сме се распаѓале и натпреварите сме ги губеле по десет голови разлика. Сепак, останавме сплотени, верувавме и докажавме дека знаеме да играме ракомет. Уште пред да дојдеме, знаевме кои натпревари за нас се најважни, знаеме дека Романија е следна, ја анализиравме и одиме да го добиеме натпреварот. Се надеваме на пласман во следната фаза“, изјави Велковски.
Македонија ќе игра со Романија на 20 јануари од 18:00 часот, додека од 20:30 часот ќе се соочат Данска и Португалија.

























