Домаќинот Данска по убедливата победа над Македонија во првото коло, славеше и против Романија со 15 голови разлика, 39-24. Немаше дилеми околу победникот ниту по првиот дел кој момците на Николај Јакобсен го добија со 22-17.
Триото Гидсел со девет, Хоксер и Питлик со по осум гола, беа најдобри стрелци иако останува нејасно зошто се трошеа на овој меч, ако се знае дека ги чека битка со Португалија, додека Мелер на голот запиша 17 одбрани. Кај Романија, Гита, Наѓ и Деду стрелаа по три пати.
Друг патник во главната рунда е Словенија која ја победи Швајцарија со 38-35 по голем пресврт. Словенија губеше со осум гола разлика од Швајцарија на стартот на вториот дел 25-17, а во тие моменти остана и без селекторот Зорман, кој доби црвен картон поради судиски приговор па во продолжение од мечот тимот го водеше Мирко Скоко.
Но тоа како да ги разбуди играчи, оттгаш направија огромен камбек, полека ја топеа швајцарската предност и на седум минути до крајот првпат поведоа со 33-32. Момците на Енди Шмид беа во нокдаун, Словенија рутински го одработи финишот за втор триумф и пласман во главната рунда.
Најдобри стрелци беа Новак и браќата Макуц со по шест гола, а исто толку дадоа Леополд и Стинартс од Швајцарија, за која Портнер одбрани 11 удари.
Унгарија добро се испоти против Италија и на крај славеше со 32-26, а тоа беше доволно за место во главната рунда на ЕП. Во 45 минута беше 24-23 за момците на Чема Родригез, но тогаш Италијанците почнаа да грешат, казните стигнуваа преку Имре, Илиќ, Ханус…и Унгарија рутински го приведе мечот до крај.
Најдобри стрелци беа Имре со девет и Рошта со шест гола, додека кај Италија шест погодоци даде Симоне Мењон.


























