По примерот на фудбалот: ЕХФ воведува „Лига на нации“, квалификациите за СП во нов формат

Европската ракометна федерација подготвува голема промена во системот на квалификациите за Светското првенство, со идеја репрезентативниот ракомет да добие формат сличен на фудбалската Лига на нации.

Наместо голем број неофицијални пријателски натпревари и турнири, ЕХФ сака да создаде повеќе официјални и атрактивни репрезентативни дуели, со поголема спортска, медиумска и комерцијална вредност.

Квалификациите за СП ќе добијат нов формат

Извршниот комитет на ЕХФ официјално го одобрил продолжувањето на работата на моделот познат како „Лига на нации“, иако името може и да се промени. ИХФ започна слично натпреварување по сите континенти, каде најслабите селекции од сите континенти, преку „ИХФ трофеј на нации“ ќе може да обезбедат место на Мундијал.

Новото натпреварување на ЕХФ би било поврзано со квалификациите за Светското првенство, а главната цел е репрезентациите да играат повеќе натпревари кои имаат официјален карактер и носат поголем интерес кај навивачите и медиумите, а баражите да бидат укинати.

ЕХФ планира новиот систем да се комбинира и со Европските ракометни игри од 2030 година, со што репрезентативниот календар би добил уште поголема тежина.

Ќе се активира и четврта репрезентативна недела

Еден од клучните елементи на реформата е воведувањето на четврта репрезентативна недела во текот на сезоната, која би се одржувала кон крајот на септември или почетокот на октомври.

Ова, сепак, отвора прашања околу оптовареноста на ракометарите и календарот на клубовите. Лигите и клубовите веќе изразија загриженост поради дополнителната репрезентативна активност во есенскиот период.

Поради тоа, ЕХФ разгледува и можност за поместување на почетокот на јануарските Европски првенства од 7 на 15 јануари, со што би се обезбедиле дополнителни датуми за клупскиот ракомет.

Целосна промена на меѓународниот календар

Воведувањето на новиот систем нема да значи само промена на квалификациите. ЕХФ најавува целосно преструктуирање на меѓународниот календар, за да се пронајде подобар баланс меѓу обврските на репрезентациите и клупскиот ракомет.

Новата календарска структура би требало да се развива особено од сезоната 2028/29, а идејата е јасна – помалку натпревари без резултатска тежина, а повеќе официјални дуели со поголем квалитет, интерес и медиумска вредност.

ЕХФ со овој проект сака да го подигне значењето на репрезентативниот ракомет, да создаде нов производ за навивачите и телевизиите, но и да обезбеди подобра организација на календарот за играчите, клубовите и националните тимови.

Македонија преку двојна бараж победа над Словачка обезбеди место на СП 2027, а многу веројатно местото на Мундијалот во 2029 во Германија и Франција, ќе го бара преку „Лига на нациите“.