Лазаров пред Данска: Немаме што да загубиме – ќе уживаме во натпреварот!

Maкедонската експедиција од денеска се наоѓа во Хернинг, кој ќе биде наша база најмалку до 21 јануари, а се надеваме и подолго.

Денеска се игра последниот пријателски натпревар против данскиот прволигаш Митјиланд, а селекторот Кирил Лазаров направи осврт на одиграното на турнирот во Швајцарија.

„Задоволен сум од тимот, од играчите. Мора да знаеме дека секогаш можеме подобро, но имаме време да направиме некои работи за кои знаеме дека се добри и имаме уште два дена за да го започнеме Европското првенство добро подготвени“, вели Лазаров.

Прв ривал на Македонија е Данска.

„Го играме првиот натпревар против најдобриот тим во светот во последните десет години – Данска. Многу сме возбудени што ќе играме против нив. Тие се домаќини и тоа ќе биде многу тешко за нас, но немаме што да загубиме во овој натпревар и ќе се обидеме да уживаме во него. Им зборував на моите млади играчи дека ќе биде ново искуство да се игра во земја која го сака ракометот, можеби тоа е нивниот најдобар спорт. Во други земји фудбалот е најпопуларен спорт, но овде во Данска, да, и фудбалот, но ракометот е на прво место. Тоа е големо искуство за сите“, продолжи македонскиот селектор.

Лазаров уште еднаш ја потенцираше смената на генерациите.

„Најважно за нас е што ја менуваме генерацијата чекор по чекор, а тоа е многу тежок процес. Подобри селекции од нас имаат проблеми со менувањето на генерацијата. Ние сме мала земја и мораме да одиме трпеливо и чекор по чекор. Во последните две години сум многу задоволен од ова. Веќе подобривме многу работи и го покажавме тоа во последните две години дека можеме да одиграме еден добар натпревар. Но, за да имаме континуитет, мораме да покажеме во иднина не само еден натпревар, туку ако играте Европско или Светско првенство, мора да бидете добри секој втор ден“, продолжии Лазаров.

Тој ги анализираше и ривалите и сподели што очекува од настапот на ЕП.

„Мораме да бидеме многу искрени. Секој има амбиции и секој сака да победува на натпревари, но мора да знаеме дека имаме многу тешка група, играме против Данска во Хернинг. Исто така и против Португалија, која на последното Светско првенство играше полуфинале. Видовме на последниот турнир дека Португалија победи против Египет, Шпанија и Иран. Многу е тешко да се каже: „Сакаме да одиме во втората рунда“. Сите го сакаат тоа. Исто така и против Романија, исто така добар тим со големи традиции. Можеби во последно време не се на највисоко ниво, но секоја година се подобри и подобри. Ние мораме да уживаме. Мислам дека сме добро подготвени за овој турнир, многу сме возбудени и го чекаме стартот на Европското првенство за да видиме каде сме во моментов со квалитетот и искуството“, заврши Лазаров.

Македонија го стартува ЕП со дуел против Данска на 16 јануари од 20:30 часот.