Селекциите на Летонија и Турција, на кои ќе им се придружи и Естонија, ги минаа претквалификациите за Европското првенство во 2028 година и обезбедија место во квалификациите.
Летонија за која во реваншот против Велика Британија играше Даинис Кристопанс (3 гола), славеше во двата меча со 35-27 и 40-25, додека Турција два пати беше подобра од Бугарија со 37-35 и 38-29. Естонија пак славеше кај Кипар со 31-27, а реваншот беше откажан поради сообраќајката на кипарската делегација, па ЕХФ или ќе им додели службен триумф на Естонците или ќе се смета само првиот меч за пласманот.
Во квалификациите за ЕП 2028 ќе има 32 селекции, меѓу кои ќе биде и Македонија (освен ако не стане европски првак), кои ќе бидат поделени во осум групи по четири.
На ЕП 2028 директно се пласирани домаќините Шпанија, Швајцарија и Португалија, а ќе обезбеди место и европскиот шампион од претстојниот континентален шампионат во Данска, Шведска и Норвешка.
Тоа значи дека 20 селекции што имаат пласман на ЕП 2026 имаат и директно место во квалификациите за ЕП 2028, а меѓу нив е Македонија. На овие 20 им се придружија Летонија, Турција и Естонија, како и уште девет селекции кои според рејтингот не играа претквалификации – Израел, Косово, Финска, Грција, Босна и Херцеговина, Словачка, Литванија, Белгија и Луксембург.
Од 32 селекции на ЕП 2028 место ќе обезбедат сите прво и второпласирани селекции од квалификациските групи, како и најдобрите четири од осумте третпласирани селекции.
Ждрепката за квалификациите за ЕП 2028 ќе се одржи на 25 март.


























