Машката репрезентација на Македонија ја забележа втората победа на „Жолтиот Куп“ во Винтертур, откако славеше и против Украина со 31-26. Ако Швајцарија очекувано го совлада Бахреин, тогаш против домаќинот утре ќе се бориме за престижниот трофеј.
Иако македонските репрезентативци губеа со четири гола на паузата од Украина, сепак во второто полувреме направија голем пресврт, кој тргна од голманот Галевски, и на крајот се израдуваа на важен триумф и зголемување на самодовербата пред ЕП.
Со една промена во ростерот, односно со Иван Галеввски на голот, Македонија излезе на мегдан на незгодната Украина, која го оправда тоа „незгодна“ уште во првиот дел кога водеше со 17-13.
Одлично бранеше украинскиот голман Комок, кој ни фати неколку зицери и чисти ситуации, а имавме и многу технички грешки. Турченко беше одличен во нападот и по 10-10, Украина се одлепи на 14-10, а потоа ја задржа разликата до паузата.
На голот на Македонија во вториот дел застана Иван Галевски, кој врза неколку одбрани во серија, одбраната беше подобра и нашите момци не само што направија пресврт, туку и поведоа со 19-18 за само десетина минути игра.
Беше плус два за Македонија со голот на Серафимов, 22-20, кога остануваа да се играат уште петнаесетина минути, но Украинците не се откажуваа од борба за позитивен резултат на овој меч.
По тајм-аутот на Лазаров, Ѓорѓиев ги врати плус два за Македонија, 24-22, а истиот ракометар донесе највисока предност за нас по грешката на Украинците. Беше евидентен падот на ривалот, а тоа го искористи Пешевски и веќе беше 26-22.
Селекторот на Украина, Бражњик побара тајма-ут, но ниту тоа не беше доволно за да се смени текот на настаните на теренот. Македонија рутински одигра до крајот и ја задржа разликата за втора победа.
Кузмановски запиша седум гола за Македонија, четири гола даде Ѓорѓиев, а Велковски, Серафимов и Џонов стрелаа по три пати. Утре во последното коло од „Жолтиот Куп“, Македонија ќе се сретне со домаќинот Швајцарија од 18:00 часот.


























