Некогашниот ракометар на Металург и Вардар, Мијајло Марсениќ, како капитен на репрезентацијата на Србија ќе го предводи нашиот северен сосед на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.
Марсениќ соработуваше своевремено со Раул Гонзалес во Вардар, а сега има можност одново во националниот тим на Србија. Во интервју за „Моцарт Спорт“ им откри на Србите како е да се соработува со шпанскиот стратег.
„Имав врвна соработка со Раул три години во Вардар. Беше многу убаво да се работи со него. Кога ќе се вклопите во неговиот систем, можете потоа во било кој. Тој обрнува многу внимание на тие мали детали што прават огромна разлика. Раул ја коригира позицијата на вашето стапало за да бидете успешни, бидејќи тој знае дека ако вашето стапало е позиционирано поинаку, тој замислува дека нема да помине акцијата. Тој буквално обрнува внимание на тие детали, па сè до подготовката за натпреварот, па мислам дека сите треба да бидеме среќни бидејќи тој е наш селектор и мислам дека ќе бидеме многу добра репрезентација“, изјави Марсениќ.
Србија е во група со Германија, Шпанија и Австрија, а пред ЕП ќе одигра два меча со Полска.

























