🎅🎄🥂СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2️⃣0️⃣2️⃣6️⃣ГОДИНА❗

Најважната промена во 2025 за македонскиот ракомет се случи на 1 март, кога по 12 години РФМ доби нов предводник – Александар Стефанов. Новото раководство на македонската куќа на ракометот воведе многу новини, а допрва ќе реализира дел од најавените промени кои треба да го подобрат квалитетот и професионализмот на нашиот спорт.

Како и многу години наназад, така и 2025 година, стандардно ни започна со настапот на машката сениорска репрезентација на големо натпреварување. Македонија беше дел од СП 2025. Во групната фаза стартувамве со реми против силната Унгарија, па пораз од Холандија и местото во главната рунда на Мундијалот беше потврдено со триумфот над Гвинеја. Следуваше реми со Австрија со гол во последната секунда, потоа убедлива победа над Катар, но и пораз од силната Франција, што беше доволно за 15 место на Мундијалот.

По СП 2025, момците на Кирил Лазаров успешно го заверија пласманот на ЕП 2026, со три порази од Словенија и Литванија, но и три победи над Естонија и над Литванија, од кои последната ги однесе нашите ракометари на нов континентален шампионат

Женската репрезентација по настапот на ЕП 2024, го загуби баражот за Мундијалот во 2025 од селекцијата на Полска, а со два порази од Германија и Словенија го започна новиот квалификациски циклус за ЕП 2026. Сепак двата освоени трофеи на пријателските турнири се добра најава за продолжението од квалификациите и двомечот со Белгија, кој може да биде клучен за обезбедување на билет за континенталниот собир.

Во младинските категории, три македонски селекции играа на ЕП и СП, но ниту една не направи некој голем успех. Машката младинска репрезентација играше на Мундијалот во Полска и заврши на 25 место, младинките играа на ЕП во Црна Гора и завршија на 23 место, додека кадетките беа 22 на ЕП исто така во Црна Гора.

На клупската домашна сцена, Еурофарм Пелистер третпат по ред беше шампион на Македонија, додека Вардар заврши на второто место, а Супер Куп трофејот замина во Битола по триумфот на битолчани над „црвено-црните“ во Кавадарци.

За првпат во историјата дури шест екипи играа(т) во новата сезона во европските купови. Пелистерци ја имаа минатата година најдобрата сезона во ЛШ, но за влакно не успеаја да се пласираат во осминафиналето, што исто така останува цел за оваа сезона, а за тоа имаат шанси во февруари и март.

Вардар минатата евро-сезона ја заврши во групната фаза во ЛЕ, но за разлика оттогаш, во оваа сезона веќе обезбедија место во главната рунда и ги очекуваат средби со Бенфика и Мелсунген во битката за осмина или четвртфинале.

Од машките екипи, во минатата сезона во Европа играше „сино-белиот“ тим од Автокоманда, кој ги мина литванскиот Драгунас Клаипеда, австрискиот Вест Виен, па италијанскиот Бриксен, потоа и норвешкиот Рунар Сандефјорд, што беше доволно за пласман во финалето. Таму тимот на Кирил Лазаров во двомечот беше подобар од АЕК Атина, откако по повлекувањето на грчкиот тим и по триумфот во Атина, плус службена победа, македонскиот состав го освои трофејот. Во сезоната 2024/2025, Охрид и Тиквеш беа елиминирани по првите пречки.

Во актуелната европска сезона, Бутел Скопје беше елиминиран во првата рунда од Дуделанж од Луксембург, истото му се случи на кавадаречки Тиквеш по поразот во двомечот од турскиот Бешикташ, но Охрид по ланската елиминација, оваа сезона има големи шанси да дотурка до завршницата и да се бори за трофеј. Веќе ги елиминира со огромни разлика азербејџанскиот Баку и босанската Слога Добој, а на ред во февруари доаѓа чешката Славија Прага.

Во Супер женската лига, Ѓорче Петров успеа да ја одбрани титулата, а освои и двојна круна, откако во Купот на Македонија славеше во финалето против Чаир.

На европска сцена минатата сезона најдалеку дотурка Чаир – до осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп, но таму беше елиминиран од Славија Прага на почетокот на 2025 година.

Во новата сезона Чаир и Куманово паднаа на пречките во второто коло во ЕХФ Купот, додека Металург Автокоманда и Ѓорче Петров беа елиминирани во третото коло на истото натпреварување, па Македонија нема да има претставник напролет во Европа.

Одличен настап оваа година во младинската ЛШ имаа ракометарите на Еурофарм Пелистер, кои испишаа историја со пласманот на завршниот турнир во првото издание на ова натпреварување.

Момците на Фарук Мемиќ и Кире Митревски доминираа на квалификацискиот турнир во Букурешт, каде прославија триумфи над полскиот Келце, потоа и над домаќинот Динамо, со што се пласираа на Ф4. Таму забележаа порази од данскиот ГОГ Гудме и големата Барса, но пласманот во Келн се вбројува во светлите моменти на македонскиот ракомет на европска сцена.

Во актуелната сезона од Супер машката лига, веќе се познати дел од патниците во плеј-офот, како и дел што ќе се борат за опстанок. Во Првата машка лига исто така е голема борбата за место во елитната конкуренција, иако е јасно дека Младост Богданци ќе го има главниот збор. Во Супер женската лига ќе имаме интересна завршница, бидејќи шампионот Ѓорче Петров ќе има големи конкуренти во Металург Автокоманда и Чаир. Во Првата женска лига, Атлетик е без конкуренција и сигурно ќе обезбеди место во елитниот ранг.

Кај младинците, шампиони станаа „витамините“ од Автокоманда, додека кај кадетите најуспешен беше Еурофарм Пелистер. Охрид ја освои титулата кај пионерите. Кај младинките, без конкуренција беше Металург Автокоманда, кој стана првак, во кадетска конкуренција најдобар беше Вардар, додека Ѓорче Петров освои титула кај пионерките.

ШТО НЕ ЧЕКА ВО 2026 ГОДИНА?

Во 2026 година, веќе во јануари не очекува настапот на сениорите на ЕП во Данска, Шведска и Норвешка, како и баражот (еден или два) за Мундијалот во Германија во 2027 година. Сениорките ги чека продолжението на квалификациите за ЕП 2026, кое за првпат ќе се игра во пет држави. Избраничките на Кристијан Грчевски ќе играат двапати со Белгија, со Германија дома и со Словенија на гостински терен.

Од младинските селекции, кадетките и младинките не обезбедија настап на соодветните Мундијали, додека кадетите по успешните квалификации се пласираа на ЕП 2026 во Србија, а младинците директно се пласираа а ЕП 2026 во Романија.

На клупска сцена, Еурофарм Пелистер го очекува продолжението од Лигата на шампионите, Вардар го чека главна рунда од Лигата на Европа, а Охрид завршницата во ЕХФ Европскиот Куп. На македонските терени ќе се бијат битки за титулите од февруари во првенствата и во Купот на Мaкедонија. Тука се стандардните натпревари во Супер машка и женска лига, Првата машка и женска лига, како и натпреварите во младинските категории, па нема да ни фалат ракометни возбудувања и во 2026 година.

СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2026 ГОДИНА!