Мајнов: Најважно е Аеродром да застане на здрави нозе во иднина

Тимот на Аеродром ја заврши есенската полусезона во ТОП 5 на табелата со 14 бодови со биланс од седум победи и шест пораз, односно четири триумфи во поледните пет меча.

Аеродром доби ново раководство летоска, во клубот дојдоа некогашните репрезентативци Лазо Мајнов како претседател и Митко Стоилов како шеф на стручниот штаб.

Периодот на стабилизација на клубот е во тек, а Мајнов е задоволен од досега сработеното, ги сумираше импресиите по завршувањето на полусезоната и го најави пролетниот дел од прволигашката конкуренција.

„Можам да кажам дека во досегашниот период морам да бидам презадоволен со оглед дека немав планови да преземам некој клуб. Кога дознав дека претходното раководство заминува веднаш почнаа преговорите. Мораше за краток период да се реорганизира клубот, но и да се формира играчки кадар.Затоа морам да бидам презадоволен од досега сработеното во првенството“, вели Мајнов.

За разлика од минатата сезона кога клубот играше во плеј-аут, сега е во ТОП 5 екипи во Првата лига.

„Најбитно ми е во иднина да го застанеме клубот на здрави нозе, да се исплатат долговите и да биде финасиски стабилен. Драго ми е што една од главните задачи е остварена – враќањето на клубот во Јане Сандански каде и би требало да биде. Нема да биде лесна задача ама за Македонија да има репрезентативци и за да има македонски играчи во големите клубови и лиги мора да постојат клубови како Аеродром“, продолжи Мајнов.

Клубот е предводен од некогашниот репрезентативец Митко Стоилов, а со него во стручниот штаб е младиот стратег Мартин Бурчевски.

„Тренерот Мите Стоилов и помошникот Мартин Бурчевски одлично го водат тимот ,имаат еден тим на преспективни играчи кој што верувам со тренинзите кои ги практикуваат и условите кои ги имаат резултатски само ќе напредуваме. Клубот Аеродром постои поради играчите сакаме Аеродром да биде расадник на млади играчи, најбитно ни е од играчите кои се кај нас да извадиме максимум и да направиме подобри играчи, сеедно дали ќе бидеме некое место погоре или подоле на табелата“, заврши Мајнов.

Првенството во Првата лига продолжува кон средината на февруари.