Шведска отвори карти за ЕП – камбек на Толбринг, ќе игра „џелатот“ на Вардар, без Тулин…

Селекторот на машката репрезентација на Шведска, Микаел Апелгрен, се одлучи за комбинација од проверени имиња и млади таленти, со јасна цел – добар пласман на ЕП 2026 кое ќе се игра во Скандинавија.

По подолга пауза поради повреди, во националниот тим се враќаат Феликс Клар, Макс Дарј, Оскар Бергендал и Даниел Петерсон, додека внимание привлекуваат дебитантите Никола Рогановиќ (19) и Аксел Мансон (20). Средниот бек Мансон му даде 22 гола на Вардар на двата меча меѓу неговиот Кристијанштад и македонскиот тим во Лигата на Европа.

Камбек по долго време во националниот тим има и за левото крило Јери Толбринг, а интересен факт е дека шведскиот селектор меѓу голманското трио (Паличка, Апелгрен, Норстен), реши да не вметне Тобијас Тулин, голманот кој брани во ПИК Сегед – клубот каде што Апелгрен е тренер.

„Ова е тимот во кој веруваме и кој може да нè однесе далеку на турнирот“, изјави Апелгрен, потенцирајќи дека играњето пред домашна публика ќе биде дополнителен мотив.

Шведска групната фаза ќе ја игра во Малме, каде ќе се соочи со Холандија, Грузија и Хрватска, а првите две селекции ќе обезбедат пласман во главната рунда.

Пред стартот на шампионатот, „жолто-сините“ ќе одиграат и два пријателски натпревари против силната селекција на Бразил.