Му даде 22 гола на Вардар и си „заработи“ трансфер

Амбициозниот дански проект ХОЈ не запира со трансфер активностите и е многу блиску до ангажман на еден од најперспективните шведски ракометари, средниот бек Аксел Мансон.

Станува збор за членот на Кристијанштад, тим кој сезонава играше против Вардар во групната фаза од Лигата на Европа. Мансон, кој има само 20 години, важи за еден од најголемите таленти во скандинавскиот ракомет и во две средби даде 22 гола против македонскиот вицепрвак.

Според данските медиуми, зделката е веќе при крај и Мансон по завршувањето на сезоната ќе го облече дресот на ХОЈ, иако за него биле заинтересирани и неколку други дански клубови.

Трансферот е возможен поради клаузулата во неговиот договор со Кристијанштад, која дозволува ракометарот да биде откупен за износ меѓу 15.000 и 20.000 евра, иако има договор до 2027 година.

Мансон беше прогласен за најдобар среден бек на Светското младинско првенство 2025, а во тековната сезона е и трет најдобар стрелец во Лигата на Европа со 51 гол. Швеѓанецот неодамна го запиша и своето сениорско деби за репрезентацијата на Шведска.

ХОЈ за следната сезона веќе ги обезбеди и потписите на Ласе Андерсон и Јаник Грин, кои ќе им се придружат на силниот ростер во кој се и Ханс Линдберг, Михаел Дамгард, Хампус Ване, Емил Имсгард…