Македонија ја среди и Словачка – со трофеј се враќа од Турција!

Женската репрезентација на Македонија славеше против Словачка со 26-24 и со две победи и едно реми го освои првото место на турнирот во Анкара. Победникот беше решен кон средината на вториот дел кога нашите девојки со одличната одбрана и сигурниот напад, направија залиха од четири гола, кој не дозволија да биде загрозена до самиот крај.

Во словачката селекција недостигаше најдобрата ракометарка, Барбара Ланц, но и во македонскиот состав ја немаше Сара Ристовска, а поради повреда не настапи ниту Ива Младеновска.

Во првиот дел се играше израмнето и најчесто гол за гол, а само еднаш се случи една од селекциите да води со два гола разлика. Тоа беше Словачка која поведе со 4-2, но Македонија набрзина се вати во егал, 4-4.

На паузата се замина со 12-12, а по двете нереализирани напади на двете страни на стартот на второто полувреме, нашите ракометарки за првпат водеа со два гола, 14-12 по погодоците на Дамјаноска и Гугуљанова.

Одбраната на Македонија изгледаше одлично на стартот на вториот дел, беше пресечена една акција и Коцева реализираше во контра за највисоки плус три, 15-12, па словачкиот селектор Бенадик мораше да бара тајм-аут.

Пропуштивме два напади за четири плус, па казната стигна, но Кипријановска беше одлична со ударите од далечина и Македонија ја одржуваше предноста меѓу три и четири гола.

Во последните десетина минути се влезе со 21-17 за Македонија, пред нашата клупа да добие исклучување по реакциите за арбитражата на турските судии, кои реално имаа неколку грешки.

Голманката Илиќ се надоврза со одбранет зицер, па избраничките на Грчевски умешно ја задржаа предноста до самиот крај, иако останаа со две ракометарки помалку на теренот во еден момент. Словачка имаше напад и за минус еден, но Илиќ фати уште еден зицер и победата остана за Македонија.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Кипријановска со седум и Ризоска со шест гола, а четири додаде Гугуљанова. Триото Гакидова, Бојана Коцева и Марија Јанкуловска реализираа по три пати.

Следен предизвик за женската репрезентација ќе биде двомечот со Белгија од квалификациите за ЕП 2026, кои ќе се играат меѓу 4 и 8 март догодина.