ПСЖ без одговор за Нилсен: Барса со голема победа во ЛШ!

Во дербито на колото од Лигата на шампиони, Барса славеше на гостувањето кај ПСЖ со 30-27, па сега во меѓусебните дуели води каталонскиот гигант со 11 победи, едно реми и само еден пораз од францускиот првак.

Најефикасни играчи на натпреварот беа Јахја Омар со седум гола за ПСЖ, како и Тимотеј Н’Гесан и Лудовик Фабрегас со по седум погодоци за Барса.

Предводник на Барса беше повторно Емил Нилсен. Додека Данецот не бранеше, ПСЖ беше во игра, но по неколку негови одбрани гостите брзо се одлепија на пет разлика. Барса доминираше во транзиција преку Фабрегас и Н’Гесан и првото полувреме го заврши со убедливи плус шест, 19-13.

Вториот дел започна идентично, со пет последователни одбрани на Нилсен, по кои Барса стигна и до девет плус. Потоа следуваше серија на домашниот голман Микел Ловквист со осум врзани одбрани, па ПСЖ се доближи на само два гола разлика.

Сепак Барса остана смирена. Нови интервенции на Нилсен и три гола на Н’Гесан во финишот им ја обезбедија победата на Каталонците. Данскиот голман мечот го заврши со 18 одбрани.