Абутовиќ: Ја забележавме можеби најголемата победа во ЛШ, одиме во нагорна линија

Еурофарм Пелистер по триумфот над ПИК Сегед во Битола сега го очекува вториот натпревар со унгарскиот вицепрвак, но на гостински терен во Лигата на шампионите.

Дефанзивецот Илија Абутовиќ вели дека тимот не патува во Сегед со бело знаме, но очекува домаќините да имаат посериозен пристап.

„Може да кажеме дека ја креваме формата и се радуваме што скоро целиот ростер сега е комплетен. Ја забележавме можеби досега најголемата победа во елитното натпреварување. Секој играч е важен за нас и знаеме дека можеме да се носиме со сите ривали. Играме со ПИК Сегед двапати во седум дена, но сега ќе биде потешко затоа што играме на гости, а и тие очекувам да имаат многу посериозен пристап кон нас. Ги изненадивме во Битола и сигурно нема да одиме кај нив со бело знаме. Периодот на адаптација е готов, со новиот тренер добивме нова филозофија, ги сфативме сите комбинации и направивме добра анализа на сработеното. Чекориме во нагорна линија, затоа се надевам дека ќе играме подобро и подобро. Во следните 30 дена имаме многу важни натпревари“, изјави Абутовиќ.

Натпреварот меѓу ПИК Сегед и Еурофарм Пелистер се игра в четврток со почеток од 18:45 часот.