Струга испушти пет плус, Еурофарм Пелистер 2 се радуваше на четврти гостински триумф!

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 оствари важен триумф на гостувањето кај Струга, славејќи со резултат 26-22 во натпреварот од 11. коло во македонската Супер лига. Ова беше четврти триумф на гостински терен за младите битолчани, вкупно петти во сезоната и избраниците на Александар Зарков храбро чекорат во битката за плеј-оф.

Битолчани во финишот на првиот дел го наметнаа својот ритам и по првите триесет минути заминаа на одмор со минимална предност од 11-12, иако претходно стружани водеа со пет гола, 10-5. Како одминуваше времето, така гостите ја преземаа контролата на теренот.

Во вториот дел продолжи неизвесноста, но по 17-17 во последните петнаесетина минути доминираа гостите. Погодија во серија Даневски, Шулески и Онифред за 21-17 и практично ставија точка на натпреварот. Стружани се обидоа да се вратат во игра, но немаше време за нешто повеќе.

Одифред беше најдобар стрелец во победничкиот состав со осум голови, додека кај домаќините Ненад Костоски се истакна со седум погодоци. Со оваа победа, Еурофарм Пелистер 2 ја зацврстува својата позиција во средината на табелата и ја продолжува серијата на добри резултати во првенството.