Металург Автокоманда со реми се враќа од Сплит – отворена е портата за осминафинале

Ракометарките на Металург Автокоманда одиграа нерешено 24-24 на гостувањето кај хрватскиот Сплит и со активен резултат се враќаат дома. Може да жалат што не се вратија со триумф, бидејќи во првиот дел водеа со пет, во вториот во два наврати со три гола, но и вака не е лошо пред реваншот во Скопје.

Домаќинките поведоа со 1-0, а потоа на теренот доминираше македонскиот претставник. Иако беа промашени два пенали, Коларовска и Јанкуловска диригираа со нападот и Металург Автокоманда поведе со 10-5. Домашниот стратег Љубо Вукиќ побара тајм-аут и неговите избранички се вратија во егал натпревар. На паузата избраничките на Јулијана Дамчевска сепак заминаа со водство, 13-12.

На стартот на вториот дел Сплит израмни и потоа петнаесетина минути се играше гол за гол до 18-18. Рубиќ од хрватскиот состав заработи трето исклучување и црвен картон, а тоа го искористија нашите ракометарки. Металург Автокоманда преку Божиноска која погоди од пенал и Јанкуловска се одлепи на плус три, 21-18, но голманката Гошевска доби исклучувања, беше исклучена за кратко време и Ѓошевска, па Сплит имаше лесна задача во два напади.

Намалија домаќинките на 21-20, но Фраделиќ и Малеш не реализираа, а Металург Автокоманда казни преку Божиноска, која два пати погоди, а се надоврза и Гошевска со одбрана. Во финишот се разбрани и домашната голманка Павковиќ, Сплит успеа одново да ја стопи негативата и да израмни на 23-23. Миновска погоди за минимално водство, истата ракометарка имаше шанса и за плус два, но не погоди, па домаќинките во последната секунда се изборија за реми.

Реваншот меѓу Металург Автокоманда и Сплит ќе се одигра на 16 ноември во салата во Автокоманда со почеток од 15:00 часот.