Ѓорчепетровки загубија од Елче – блиску се до елиминација од Купот на ЕХФ

Македонскиот женски шампион Ѓорче Петров сезонава игра далеку поинаку од она што сме навикнале да го гледаме, а продолжува да се „мачи“ на натпреварите. На првиот европски меч сезонава, нашиот претставник на Купот на ЕХФ загуби 16-19 (7-9) од Елче од Шпанија.

Ѓорчепетровки понудија двете средби со Елче да се играат во Скопје, сакајќи да има дадат „ветер во грб“ на своите ракометарки. И вториот натпревар се игра во Скопје, утре во истиот термин на пладне во СЦ „Јане Сандански“. Но, немаа подршка од трибините, бидејќи театарската атмосфера во малата сала во Скопје немаше никакво влијание

Двете екипи играа меѓусебе и во сезоната 2023/24 и тогаш во четвртфинале Шпанките двапати беа подобри. Малку голови, лоша игра и многу грешки беше карактеристиката на првиот дел од средбата меѓу Елче и Ѓорче Петров. „Гостинките“ од Шпанија од самиот почеток поведоа, а македонскиот шампион единствено што успеа да напрви е да го израмни резултатот на 5-5, потоа повторно Елче беше во предност се до крајот на првото полувреме.

Гостинките ја имаа расположената голманка Никол Моралес која имаше 7 одбранети топки од 15 упатени удари во првото полувреме, наспроти двете одбрани на Милена Вујишиќ на спротивната страна. Одбраната беше послаб дел од тимот, а нападот не успеваше да најде дупка, ниту пак да одигра лесна акција за гол.

Само што почна вториот дел Ѓорче Петров намали на 9-8 и имаше шанса за израмнување. А кога не се користат шансите стигнува казната, па Елче зголеми на 10-8, а бидејќи домашната одбрана делуваше порозна, а нападот правеше грешки во 39 минута гостинките првпат зголемија на „плус 3“ за водство 11-8.

Немаа решение во нападот за длабоката зонска одбрана на Шпанките кои ги исфрлија бековите на ѓорчепетровки надвор од 10-11 метри. Тоа им правеше проблем да организираат напад од кој ќе дојдат во ситуација да постигнат гол. За само три минути Ѓорче Петров успеа да се врати во игра, и да намали на 12-11 користејќи го исклувањето на Опедал.

Се мачеше Ѓорче Петров да се врати во игра, и со голот на Мила Ѓорѓиевска во 47 минута го израмни резултатот на 13-13. Тоа беше причина шпанскиот тренер да побара тајмаут, и да се обиде да ја врати екипата на стариот колосек.
Но, Вујисиќ одбрани удар на Елче, а во следниот напад Армина Исиќ првпат му донесе водство на Ѓорче Петров, 14-13. Брзо вратија Шпанките, и плус изнудија исклучување на Катерија Дамјановска.

Драмата продолжи до самиот крај, и двете екипи грешеа, но Ѓорче Петров не успеваше да даде гол, кога ривалот им „подаруваше топки“. Последните четири минути почнаа со напад на ѓорчепетровки, и резултат 16-16. Под пасивна игра, изнуден шут кој Моралес лесно го одбрани. И стигна казната, гол за Елче со кој тие поведоа, 17-16. Падна концентрацијата на „лавиците“ и повторно погресија, и во контра Елче зглеми на 18-16, по што Симе Симовски веднаш реагираше со тајмаут.

Немаше време за пресврт, но можеше барем да дојде до „минус 1“, ама и тој напад не беше реализиран, и во последните секунди Елче изнуди пенал кој го реализираа, па заминаа со три гола предност.

Кај победничкиот тим најмногу голови, четири постигна Ванеса Рубио, а по три дадоа Химена Алгуна и Лиса Опедал. Во екипата на Ѓорче Петров најпрецизна бепе Армина Исиќ со четири гола, а три постигна Емилијана Ризоска.