Денеска во седиштето на Европската ракометна федерација во Виена беше извршена ждрепката за вториот бараж за Светското првенство во Германија во 2027 година.
Ако избраниците на Кирил Лазаров бидат последни во групата со Данска, Португалија и Романија, тогаш сигурно ќе играат два баражи, а ждрепката посака евентуален двобој со селекцијата на Турција во вториот бараж за СП 2027.
По комплетирањето на првиот бараж, три селекции – Летонија, Косово и Турција, се пласираа во вториот бараж, а Македонија со добар резултат на ЕП 2026 би можела да го „скокне“ вториот и да се пласира директно во третиот бараж за СП 2027, односно да има само една пречка. Тоа би значело да ги „прати“ Романија или Португалија на пример на мегдан на Турција.
Доколку бидеме пласирани во ТОП 16 (сметајќи дека Данска и Германија ќе бидат таму) тогаш ќе бидеме дел и од привилегираните во ждрепката за бараж 3. За таков пласман ќе ни треба најмалку една победа на ЕП, но и да бидеме меѓу најдобрите четири од шесте третопласирани на крајот од сите групи.
Македонија ќе биде во група со домаќинот Данска, Португалија и Романија на ЕП 2026, па за да бидеме меѓу најдобрите 16 мора да ја победиме Романија, но и да имаме подобра гол-разлика од најмалку други две третопласирани селекции.
СП 2027 Германија, квалификации:
БАРАЖ 1 (29.10.2025/01-02.11.2025)
Летонија – Луксембург 28-20, 34-33
Кипар – Турција 27-33, 19-35
Велика Британија – Косово 26-32, 30-35
БАРАЖ 2 (18-19.03.2026/21-22.03.2026)
Босна и Херцеговина – Koсово
4Е (Шведска/Хрватска/Холандија/Грузија) – Израел
4Ц (Франција/Норвешка/Чешка/Украина) – Словачка
4А (Германија/Шпанија/Австрија/Србија) – Литванија
4Ф (Унгарија/Исланд/Полска/Италија) – Летонија
Турција – 4Б (Данска/Португалија/Македонија/Романија)
Грција – Белгија
Финска – 4Д (Словенија/Фарски Острови/Црна Гора/Швајцарија)
БАРАЖ 3 (13-14.05.2026/16-17.05.2026)
шешир 1: десет селекции од ТОП 16 на ЕП 2026 (без Данска, Германија и полуфиналистите)
шешир 2: осум победници од БАРАЖ 2 + две селекции од ЕП 2026 (17-18 место)
Европа има 14 места за Мундијалот во Германија, не сметајќи ги домаќинот и светскиот првак Данска. Четири од тие места ќе бидат пополнети преку полуфиналето претстојното Европско првенство 2026 во Данска, Шведска и Норвешка, а десет места ќе се пополнат преку третиот бараж.
Учесници на ЕП 2026 покрај Македонија и домаќините Данска, Шведска и Норвешка се Германија, Франција, Хрватска, Унгарија, Португалија, Исланд, Шпанија, Словенија, Холандија, Австрија, Црна Гора, Швајцарија, Полска, Чешка, Србија, Италија, Фарски Острови, Романија, Грузија и Украина.
Директно место на СП имаат обезбедно домаќинот Германија, како и светскиот првак Данска, а преку ЕП 2026 пласман на Мундијалот во 2027 година ќе обезбедат и полуфиналистите на континенталниот собир. Светското првенство во Германија ќе се игра од 14 до 31 јануари 2027 година во шест градови – Магдебург, Келн, Штутгарт, Хановер, Минхен и Кил.

























