Валчак сака да се врати во репрезентацијата на Полска

Пивотот на Загреб, Патрик Валчак, по повеќе од една година пауза повторно изрази подготвеност да игра за полската репрезентација.

Валчак во септември 2024 соопшти дека поради здравствени и лични причини става крај на настапите за „бело-црвените“, но сега вели дека е спремен за камбек.

„Разговарав со селекторот. Ако ме види во плановите и репрезентацијата има потреба од мене, ќе дојдам на следниот собир и ќе дадам 100 отсто“, рече Валчак, кој од сезоната 2023/24 настапува за Загреб.

Иако беше на листата на резерви за собирот во претходната ЕХФ недела, селекторот Хота Гонзалес поради повреди на Мачеј Гембала и Давид Давиџик, се реши да го повика Виктор Јанковски од Вардар.

Јанковски летово дојде во Вардар и целиот товар на пивотменската позиција падна на него по повредата на Лазаревски. Полјакот остави одличен впечаток и веднаш беше забележан и од селекторот на Полска.

За ситуацијата со Валчак, селекторот Гонзалес појасни дека ќе го има во предвид за наредните собири.

„Со Патрик зборував летоска, знам дека е подготвен и го имам предвид. Сега сакав да видам и помлади играчи. Валчак е искусен и јасно ми е што може да понуди, не исклучувам повик на следните собири – ќе зависи од формата.“

Валчак дебитираше за сениорската Полска во јануари 2017 и има зад себе 86 натпревари и 71 гол. Играше на СП 2017, СП 2021, ЕП 2022 и СП 2023. Последниот репрезентативен настап му беше пријателскиот меч со Аргентина во декември 2023.