Машката кадетска репрезентација на Македонија со триумфот над Луксембург со 25-17 го освои првото место на квалификацискиот турнир и се пласираше на ЕП 2026 година во Србија.
Целиот стручен штаб и сите ракометари имаат заслуги за обезбедниот билет за ЕП, а меѓу нив се и голманите Ѓорѓи Николовски и Мелин Фехми, кои работеа под будното око на Ице Соколески.
Николовски и Фехми собраа вкупно 41 одбрана на трите меча или просечно по 37% успешност на натпреварите со Финска, Грција и Луксембург.
На првиот дуел со Финска кој го доби Македонија со 36-29, Николовски имаше 13 интервенции, а Фехми запре еден пенал. На втората средба со јужниот сосед што ја загубивме со пресврт во финишот со 32-31, двајцата запреа 13 удари – Николовски три, а Фехми имаше десет, меѓу кои фати и два пенали. На третиот дуел со Луксембург, Николовски имаше десет интервенции со 40% успешност, а Фехми покажа дека е мајстор за пенали, бидејќи фати дури три од петте на домаќинот!
Меѓу стрелците се истакнаа десниот бек Бобан Поповски со 21 гол, како и крилата Јован Петрески и Стефан Ѓеоргиески со 17, односно 13 погодоци.
Македонија сега е меѓу најдобрите 24 селекции во Европа, а ривалите во групата ќе ги дознае во јануари 2026 година.

























