ГОГ го „преслуша“ ПСЖ – Барселона пресилна за Висла

Дански ГОГ и по третпат како гостин во лигата на шампионите победува, овојпат во Париз кај ПСЖ, 36-34 (20-13) прескокнувајќи ги „светците“ на табелата во Б групата. Барселона „очекувано“ триумфално се враќа од Полска каде уште во првото полувреме ја „реши“ Висла, и на крајот резултатот беше 34-24 (16-9)

Со победата во Полска, екипата на Барселона се зацврсти на второто место со 10 бода, два помалку од лидерот Магдебург, додека ГОГ е на делба на 4 место заедно со ПИК Сегед, и имаат по 6 бода.

Данците повторно беа гостинско изненадување и во текот на целиот меч во Париз имаа водство, па заслужено триумфираа. Сезонава единствено на гости загубија во Шпанија кај Барселона во првото коло, а потоа триумфираа против Еурофарм Пелистер, Загреб и сега во Париз.

Одличното прво полувреме беше клуч за конечниот триумф, бидејќи предноста на полувреме беше „плус 7“ за ГОГ, а Данците знаеја како да го сочуваат. Бјере и Митун „везеа“ на терен и имаат одлична реализација, заедно постигнувајќи 17 гола од 21 упатени удари.
Имаа добра поддршка и во голманот Јоханесон кој имаше 12 одбранети топки, за разлика од колегите на другата страна кои заедно „сопрема“ само 5 упатени топки.

Барселона во последните минути од првото полувреме направи поголема предност која се качи на „плус 7“ за водство 16-9. Во второто имаа и 10 гола предност, па се чекаше само да заврши средбата бидејќи Полјаците немаа шанси да сменат нешто, резултатски. Намалија на „минус 7“, ама Барселона брзо се врати на максималните десет што ги имаше дотогаш во неколку наврати.

Иако водеа со 34-24, на десет секунди до крај на средбата тренерот на Барселона Карлос Ортега побара минута одмор, а играчите на домашниот тим воопшто не отидоа на клупата за совети. Ионака се беше решено, па и ниту советите што ги даде Ортега не донесоа резултат, бидејќи акцијата „не помина“.

Во следното коло, на 12 ноември ГОГ го пречекува ПСЖ, а Барселона е домаќин на Висла.