Екипата на Младост од Богданци без поголеми проблеми ја запиша својата втора најубедлива победа сезонава, совладувајќи го тимот на Овче Поле со високи 46-29 (23-13) во натпревар од 5. коло во Првата машка лига. Домашниот тим од самиот старт ја презеде контролата и не дозволи никаква неизвесност, потврдувајќи ја фаворитската улога на свој терен.
Младост започна силно, со ефикасен напад и агресивна одбрана, која им овозможи да поведат со 5-1 уште во првите осум минути. Водството постојано растеше, а со серија на Даниел Андоновски и Антонио Николоски, домаќините ја достигнаа првата двоцифрена предност при 16-6. На полувреме резултатот беше 23-13, што јасно ја најави судбината на натпреварот.
Во второто полувреме, избраниците на Горан Андоновски не го намалија темпото. Преку Ѓорѓе Атанасов, Душан Каркалашев и Жоао Дијас Гекас, предноста растеше и достигна дури 17 гола разлика, а до крајот на натпреварот Младост рутински ја одржуваше високата предност и го постави конечниот резултат 46-29.
Најдобар стрелец кај победникот беше Даниел Андоновски со 8 гола, а по него следеа Душан Каркалашев со 6. Кај гостите од Свети Николе, најдобар беше Стојанче Ристов со 7 гола, исто колку и Кристијан Стаменков.
Тимот од Богданци со оваа победа ја зацврсти својата позиција н апрвото место, со максимални 8 бода, за потврда дека е еден од главните кандидати за пласман во супер лигата.