И покрај одличната партија на голманот Благојче Трајкоски, кој забележа дури 18 одбрани, екипата на Бутел не успеа да направи изненадување во Автокоманда. Домаќинот го контролираше натпреварот од првата до последната минута и славеше убедливо со 32-25 (18-13), продолжувајќи ја својата победничка низа во Суперлигата.
Избраниците на Кирил Лазаров влегоа фуриозно во средбата и уште на самиот почеток направија серија од 5-0, оставајќи го Бутел без погодок речиси шест минути. Разликата растеше од минута во минута – беше 10-4, а на паузата „сино-белите“ водеа со 18-13. Домашните имаа темпо, идеја и сигурност во сите линии, а гостите не можеа да одговорат на брзата транзиција и компактната одбрана на „сините“.
Во второто полувреме домашниот тим ја зголеми предноста на 25-15, прво двоцифрено водство на мечот. Лазаров ротираше со составот, им даде минутажа на младите ракометари, но и покрај тоа неговиот тим не дозволи резултатска неизвесност. Бутел во финишот го намали заостанувањето, најмногу благодарение на инспирираниот Трајковски кој имаше двоцифрен број на интервенции и спаси неколку сигурни голови.
Кај победничкиот тим Марко Стојковиќ беше најпрецизен со 6 гола, а Ненад Костески постигна 5. На голот Иван Галевски имаше 11 одбрани, додека Марко Кизиќ додаде уште 5. Кај Бутел, покрај голманот Трајковски, најдобри беа Тодор Узунчев со 7 гола и Дејан Михајловиќ со 5 погодоци.