Еурофарм Пелистер 2 го среди Пролет на негов терен!

Еурофарм Пелистер 2 се врати на победничките патеки во Супер машката лига, откако славеше на гостувањето кај Пролет со 26-24 (13-14) и станува сериозен кандидат за место во плеј-офот оваа сезона.

Избраниците на Александар Зарков на гостински терен досега ги победија Прилеп, Куманово и Пролет, а загубија само од Бутел и покажаа дека сезонава ќе бидат „тврд орев“ за сите.

Клучниот момент за победата кај Пролет беше во вториот дел од 40 до 50 минута. Тогаш домашните водеа со 19-17, но Стојановски, Василевски и Мајнов загубија топки, потоа Јовановски му одбрани шут на Димковски и тоа беше доволно за голем пресврт.

Битолчани ги казнија сите овие грешки на Пролет и со трите гола на Белистојаноски поведоа со 23-19. Домашните до крајот успеаја да намалат на минус еден, но немаа сили за камбек во мечот, па овој пораз е уште еден удар за нивните амбиции.

Предводници во триумфот на битолчани беа голманот Јовановски со девет одбрани, шест гола даде Онифред, а пет Белистојаноски, додека кај Пролет премалку беа осумте голови на Палевски.

Во следното коло Пролет ќе игра дома со „сино-белите“ од Автокоманда, а Еурофарм Пелистер 2 ќе се соочи со „постариот брат“ Еурофарм Пелистер.