Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер и вицепрвакот Вардар ќе треба да платат по 2.000 евра, односно по 120.000 денари, за казната што им ја изрече Ракометната федерација на Македонија. Таа се однесува за дербито одиграно на 1 октомври во Скопје кога победи Вардар со 31-28.
Во образложението на казната се вели дека битолскиот клуб ќе треба да плати вака висока казна поради инцидентот на неговите навивачи кои фрлија запалени факели во салата во СЦ „Јане Сандански“ што било нотирано во записникот од страна на службените лица.
Гостинските навивачи успеале да внесат факели кои подоцна ги запалиле. Полицијата ги „испрати дома“ откако запалија по вторпат факел во салата.
Домаќинот Вардар пак ја заработи истата казна заради слабата организација на натпреварот и поради фрлени запалки на терен од страна на навивачите на домашниот клуб.