Ракометарките на Чаир по две сезони успеаја да го победат шампионот Ѓорче Петров, откако славеа на гостински терен кај „лавиците“ со 28-26.
Иако овој дуел го играа меѓу две средби од ЕХФ Европскиот Куп, сепак избраничките на Басри Љатифи не ги штедеа силите и по многу порази, што во првенството, што во Купот, конечно ги совладаа ѓорчепетровки.
Во првиот дел се играше израмнето, а на пауза се замина со предност на Чаир откако Дамчевска погоди во последната секунда за 14-13. Во второто полувреме се разгоре битката, Чаир отиде и на плус три, 19-16, но домаќинот не се откажуваше.
На чеитри минути до крајот Ѓорче Петров израмни на 25-25, но тука Чаир покажа карактер и не попушти пред домашните налети. Фереира, Фиоре и Николовска ја обезбедија победа, а до крајот Вранчиќ само го ублажи поразот.
Николовска беше лидерот во нападот на Чаир, помогната од Парагвајката Фиоре и Тунижанката Амар со по пет погодоци, додека Митровиќ беше солидна на голот. Кај Ѓорче Петров, Емилијана Ризоска беше најдобар стрелец со шест гола.