Ракометарите на Охрид забележаа нова победа во Супер лигата, откако славеа над Тиквеш со 23-19 во натпревар од 5 коло во елитното друштво. Ова е трет триумф за амбициозниот клуб, кој по ремито во Автокоманда и поразот кај Вардар, ги совлада Еурофарм Пелистер 2, Струга и Тиквеш. Во следното коло Охрид ќе биде на сериозен тест и ќе му гостува на шампионот во Битола.
„Гладијаторите“ уште во првото полувреме го решија победникот, кога по десетина минути водеа со 7-1. Разиграните момци на Борис Ројевиќ, кој на овој дуел ги поштеди Петриќ и Ѓукиќ имаа и плус 11, 15-4, па јасно беше која екипа ги освојува бодовите.
Во второто полувреме кавадарчани заиграа подобро, успеаја да стопат дел од негативата, во еден момент намалија и на минус четири, но немаше ниту време, а ниту сили за евентуален камбек во натпреварот.
На крајот Јотиќ постигна гол за 24-19 во последната секунда, но и незгодно падна, па мораше да интеревенира и лекарската екипа, а соиграчите го изнесоа на раце од теренот хрватскиот интернационалец.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Лиапис со пет и Цирар со четири погодоци, а голманите Чаневски и Блажески собраа осум одбрани. Во составот на Тиквеш се истакна голманот Печурица со 13 одбрани, а пет гола имаше Коцев.
Во следното коло Охрид ќе му гостува на шампионот Еурофарм Пелистер, додека кавадарчани ќе гостуваат кај Еурофарм Пелистер 2.