Прва сезонска победа за Вардар

Ракометарките на Вардар по поразите од Чаир и Металург Автокоманда, ја запиша првата победа во новата сезона од Супер женската лига.

Избраничките на Анжела Платон славеа против Спартак со 29-26, откако во текот на мечот имаа и водство од десет погодоци.

По 2-2 на стартот, вардарки си го фатија редот и почнаа да ја градат предноста, а до паузата беше 19-10.

Во вториот дел Вардар имаше и плус десет, но Спартак во финишот се погрижи да го направи поразот со поднослива разлика.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Јасмина Попова со седум, како и Леона Миленкоска и Нина Попова со по пет погодоци.

Во составот на Спартак, Зорица Андовска имаше осум реализации, додека Јана Грковска и Наталија Максимовска стрелаа по шест пати.