Грујовска пред двомечот во Европа: Ќе ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже

Покрај Ѓорче Петров, Чаир и Металург Автокоманда, македонски претставник оваа сезона во ЕХФ Европскиот Куп ќе биде и составот на Куманово.

Капитенот на Куманово, голманката Симона Грујовска, ги сподели очекувањата пред пресметките со литванскиот шампион Каскада претстојниот викенд во Гарлијава и следниот викенд во Куманово.

„Очекувањата се да се покажеме во најдобро светло. Нашите противнички се шампионки на Литванија и веќе неколку години редовно настапуваат во Европа и затоа не треба да ги потцениме, иако нивниот ростер е составен претежно од домашни играчи. Направивме детална анализа на ривалот и ќе се обидеме да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже“, вели Грујовска.

Таа смета дека играњето на реваншот во големата сала во Куманово ќе биде дополнителен мотив за неа и колешките од тимот предводен од Славиша Димитријески.

„Атмосферата е одлична, сите сме мотивирани и подготвени ќе влеземе во двата натпревари. После подолг период ќе играме во големата сала во Куманово и тоа е дополнителен мотив за нас“, заврши Грујовска.

Првиот меч меѓу Каскада и Куманово е на програмата утре од 16:00 часот во Гарлијава, додека реваншот е следниот викенд, на 4 октомври од 19:00 во градската сала во Куманово.