Поранешниот младински репрезентативец Димитар Узунчев и оваа сезона ги брани боите на Бутел Скопје, каде што игра во одлична форма на стартот на оваа сезона.
По елиминацијата од Европа и поразот од првакот Еурофарм Пелистер, бутелци врзаа две победи против Прилеп и Радовиш, а сега му гостуваат на Куманово.
Десниот бек на Бутел го најави гостувањето кај незгодниот тим, кој има два порази.
„Секако дека одиме со таа цел – да ја продолжиме серијата. По победите добивме самодоверба, но гостувањето во Куманово и играњето против нив и не е така лесно. Куманово има квалитетен состав оваа сезона и се засилија со нови играчи кои со себе носат квалитет и искуство“, вели Узунчев.
Тој вели дека главниот фокус сега е на домашното првенство.
„Елиминацијата од Европа беше тежок момент за нас, но тоа е спортот продолжуваме напред и се фокусираме на домашното првенство. Атмосферата во тимот е позитивна и на високо ниво, мислам дека сме на добар пат“, заврши Узунчев.
Натпреварот меѓу Куманово и Бутел Скопје се игра во градската сала во Куманово в сабота со почеток од 19:00 часот.