Шампионот Еурофарм Пелистер по убедливиот триумф над Бутел Скопје, како и оној против Загреб во Лигата на шампионите, ја продолжија победничката серија и против Пролет со 36-24.
Капитенот Кузмановски беше во составот, а шанса добија Брестовац и Калајџиески. По теренот леташе десното крило Хекбарт, кој во првиот дел додека беше на теренот имаше девет гола од девет обиди. Домаќините си го „фатија“ редот и беше 4-1, па 10-5, потоа и 18-9, а до крајот на првото полувреме момците на Рубен Гарабаја ја задржаа разликата, 21-12.
Во второто полувреме домаќините комплетно ја сменија поставата, на теренот беа Митревски, Манасков, Валид и Радивојевиќ, но тоа воопшто не беше проблем, бидејќи предноста на битолчани беше висока и гостите немаа шанса да се доближат, а не пак да помислат на некаков камбек во овој натпревар.
Хекбарт беше најдобар стрелец со девет гола од девет обиди, додека по шест гола дадоа Манасков и Петар Атанасијевиќ, Митревски и Брестовац комбинираа 13 одбрани. Во составот на Пролет, Палевски даде седум погодоци.


























