Новиот проект на Ракометната федерација на Македонија – „Ракометен караван 2025“, ќе го има своето прво издание во Охрид.
За време на „Трофеј Македонија“ во СРЦ „Билјанини Извори“ и со специјалните гости Филип Миркуловски, Индира Кастратовиќ и Елена Ѓорѓиевска, ќе се одржи караванот под мотото – „Ракометот е тука – дали си подготвен?“.
РФМ го најави овој настан на социјалните мрежи.
„Започнува Ракометниот караван 2025! 🚐🤾♂️
На 20 септември 2025 година, со почеток во 11:30 часот, во спортската сала „Билјанини Извори“ – Охрид, ќе се одржи настан под мотото:
„Ракометот е тука – дали си подготвен?“
🎯 Специјални гости на настанот ќе бидат:
⭐ Филип Миркуловски
⭐ Индира Кастратовиќ
⭐ Елена Ѓорѓиевска
Главна цел на Ракометниот караван е промоција на нашиот национален спорт низ целата територија на нашата земја. Караванот има за задача да ги доближи вредностите на ракометот до најшироката публика, да создаде нови генерации љубители на спортот и да ја поттикне активната вклученост во спортските активности.
Особено внимание е насочено кон најмладите – нашите идни ракометни ѕвезди ✨. Преку дружење, мотивација и инспиративни примери, тие ќе имаат можност да се запознаат со ракометот како потенцијална нивна иднина и како спорт што носи другарство, дисциплина и успех.
Ве покануваме да бидете дел од караванот и заедно да ја пренесеме љубовта кон ракометот низ Македонија!“, се вели во соопштението на РФМ.
Паралелно со овој настан ќе се игра и „Трофеј Македонија“, на кој покрај нашата женска селекција, ќе играат Грција, Тунис и Египет.