Во спектакуларно второ полувреме од дербито на ЕХФ Лигата на шампионите, Орлен Висла Плоцк го совлада ПИК Сегед со минимални 34-33 (16-16). Ова е групата во која настапува и нашиот Еурофарм Пелистер кој стартуваше со победа сезонава.
Гостите од Полска подобро го отворија продолжението и први направија предност од два гола (19-17), предводени од фантастичниот Мелвин Ричардсон, кој заврши со дури 12 погодоци и 100% реализација од линијата за 7 метри (6/6). ПИК Сегед одговори преку расположениот Марио Шостариќ, кој постигна девет гола, и Иманол Гарциандија, кој имаше перфектен учинок (7/7), но домашните не успеаја да го преземат водството до крајот.
Мечот во Унгарија го судеа нашите Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои немаа тешка задача, особено што „видоа се“ на теренот.
Драмата кулминираше во последните пет минути, кога Висла повторно поведе со два разлика (33-31). Иако Сегед се приближи на само еден гол и имаше шанса да израмни, клучната одбрана на Бергеруд и голот на Михаел Дашек во 58. минута им ја донесоа победата на Полјаците. Имаше само една минута во која полјаците успеаја да ја задржат топката, да изнудат исклучување на Мацковшек, и по дзакана за пасивна игра да упатат удар кој голманот Микле го одбрани, но топката замина во аут, и веќе немаше време за нов напад.
Статистички, двете екипи одиграа на високо ниво – Сегед имаше 77% реализација на шутеви, а Висла 71%. Полјаците доминираа во игра со играч повеќе (6 гола во „пауерпеј“), додека домашните беа нешто подобри во шутевите на гол (100% прецизност во второто полувреме). На голот, Роланд Миклер запиша 8 одбрани за Сегед (30% успешност), додека Торбјорн Бергеруд одбрани 6 шута (18%).
Првото полувреме од дербито на ЕХФ Лигата на шампионите меѓу ПИК Сегед и Висла Плоцк донесе возбудлива и израмнета борба, која заврши со реми 16-16. Домашните имаа негатива од два гола, во 28 минута, но сепак на крај израмнија, а тој последен израмнувачки гол во 30 минута го постигна Глеб Калараш.
Двете екипи го отворија натпреварот во висок ритам и се менуваа во водство речиси целото полувреме. ПИК Сегед имаше предност од два гола во раната фаза, но Висла успеа да се врати благодарение на расположениот Мелвин Ричардсон, кој постигна шест погодоци од седум обиди, вклучувајќи три од линијата за седум метри. Во овој период од средбата најдобар стрелец кај домашните беше Иманол Гарциандија Алустиза со перфектен учинок – четири голови од четири обиди.
Со овој гостински триумф Висла најави дека сезонава е подготвена да оди многу подалеку од она што досега го постигна во лигата на шампионите.
Во следното коло Висла е домаќин на Загреб, а ПИК Сегед гостува кај ГОГ Гудме.